За да изберете RAM за лаптоп, проверете три работи: типот (DDR3, DDR3L, DDR4 или DDR5 — не се заменливи), бројот на слободни слотови и максималниот капацитет што го поддржува лаптопот. Лаптопите користат SODIMM модули, кои се помали од меморијата за десктоп компјутери.
Надградбата на RAM меморијата е едно од најисплатливите подобрувања — лаптопот станува побрз при повеќе отворени програми и картички во прелистувачот.
Кога треба надградба на RAM
Успорување при повеќе отворени картички/програми, чести задоцнувања и висока искористеност на меморијата се знаци дека повеќе RAM ќе помогне. Отворете Task Manager (Ctrl + Shift + Esc) → Performance → Memory: ако при вашата вообичаена работа искористеноста е постојано над 80–90%, повеќе RAM ќе направи осетна разлика.
Ако лаптопот е бавен при вклучување и отворање програми, а меморијата не е полна, поголема разлика ќе направи замена на стариот хард диск со SSD.
Како да проверите што имате
Во Task Manager → Performance → Memory ќе видите колку RAM имате, брзината и колку слотови се зафатени (Slots used: 1 of 2). Типот (DDR4, DDR5…) и моделот на секој модул најлесно се гледаат со бесплатната програма CPU-Z, во картичките Memory и SPD.
Кај многу тенки лаптопи дел од меморијата или целата меморија е залемена на матичната плоча. Ако имате само еден слот, може да се надгради само тој; ако нема слотови, надградба не е можна. Максималниот капацитет и бројот на слотови се наведени во спецификациите на производителот за вашиот модел.
DDR3, DDR3L, DDR4 и DDR5
DDR3, DDR4 и DDR5 модулите имаат засек на различно место и физички не влегуваат во погрешен слот — типот мора да биде ист како оригиналната меморија. Најгрубо: лаптопите до околу 2015 користат DDR3/DDR3L, од 2016 до 2021 DDR4, а поновите DDR5.
DDR3L работи на 1.35V, а обичната DDR3 на 1.5V. DDR3L најчесто работи и во лаптопи што бараат DDR3, но многу лаптопи со DDR3L не работат со обична DDR3 од 1.5V. Ако не сте сигурни, изберете DDR3L.
Брзина (MHz) и dual channel
Побрза меморија од она што го поддржува лаптопот е безбедна — автоматски работи на максималната брзина на лаптопот (на пр. модул од 3200MHz во лаптоп со 2666MHz работи на 2666MHz). Ако комбинирате модули со различна брзина, двата работат со брзината на побавниот.
Два исти модули (на пр. 2 × 8GB наместо 1 × 16GB) работат во dual channel, што е особено важно кај лаптопите со вградена графика — игрите и видеото работат осетно побрзо. При надградба, најдобро е новиот модул да е со ист капацитет и брзина како постојниот.
Колку RAM ви треба
8GB е минимум за Windows 11 и прелистувач со повеќе картички. 16GB е препорачано за удобна секојдневна и канцелариска работа и за повеќето игри, а 32GB за видео и фото уредување, програмирање со виртуелни машини и потешки игри.
Вградување на RAM меморијата
Исклучете го лаптопот (не само sleep), откачете го полначот и, ако е можно, батеријата. Модулот се става под агол од околу 45° во слотот и се притиска надолу додека не кликнат држачите од двете страни.
Првото вклучување по надградба, особено кај DDR5, може да трае подолго од вообичаено со црн екран — лаптопот ја тестира новата меморија. Ако лаптопот не се вклучува, извадете го и повторно ставете го модулот, или пробајте со секој модул посебно.
RAM меморијата можеме да ја вградиме во нашиот сервис во Скопје. Ако не сте сигурни кој модул ви треба, донесете го лаптопот — ќе провериме тип, слотови и максимален капацитет.
Гаранција и испорака
На RAM меморијата даваме гаранција од 1 до 2 години, во зависност од производителот. За меморијата на залиха, испораката низ цела Македонија трае 1–3 работни дена.








